×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • #ИнтернационаленДенНаЛевучарите: Зошто некои луѓе се левораки?

    13.08.2021 17:15 | Сара Ѓорѓиоска

    Сигурно познавате некој кој е леворак од постарите генерации, а тие сигурно умеат да пишуваат и јадат со помош и на десната рака, иако тоа им е неприродно, поради силниот општествен притисок да се користи “правилната“ рака. 

     

    #ИнтернационаленДенНаЛевучарите: Зошто некои луѓе се левораки?

    Дури и зборовите “десно“ и “лево“ се корени на политичките термини “десничар“ и “левичар“, а симболиката е повеќе од јасна: десно е она што е општо прифатено, она што е веќе етаблирано и може да се смета за правилно, додека лево е сето она што дрско му се спротиставува на веќе востановеното, она што го предизвикува и му пркоси на статусот кво. Но, ако тоа да се биде леворак е толку непоправливо лошо и мора да се поправи и конформира на нормата, тогаш зошто многу луѓе се раѓаат како левучари? Во денешен контекст, една десеттина од светското население ја користи левата рака како доминантна рака, а археолошките истражувања сугерираат дека “леворакоста“ постои како антрополошки феномен од пред дури 500.000 години. Доказ за тоа се 10те проценти од коскените остатоци кои ги покажуваат разликите во должината на рацете и коскената компактност, како и археолошките артефакти во вид на алатки кои ја докажуваат употребата на левата рака и низ историјата.

    Леворакоста не е избор, туку генетски предодредена карактеристика, која може да биде предвидена дури и пред раѓањето на детето, набљудувајќи ја позиционираноста на фетусот во матката. Но, и покрај тоа што доминантната рака е нешто со кое се раѓаме и не
    подлежи на сопствен избор, леворакоста не е во потполност предодредена исклучиво од генетиката, а ова е поткрепено со фактот што две близначиња кои го делат истиот генетски материјал можат да имаат различни доминантни раце. Доминантната рака, во најголема мера зависи од доминантните раце на родителите. Така, доколку едниот родител е леворак, а другиот деснорак, нивното дете ќе има 17% шанса да се роди со левата рака како доминантна. Два деснораки родители ќе имаат леворако дете само во 10% од случаите.

    Сигурно постои причина што еволуцијата во континуитет го оддржува овој мал процент на левораки луѓе, но едно од најновите истражувања, базирано на математички модел сугерира дека односот на левораки и деснораки луѓе го рефлектира балансот помеѓу
    натпреварувачкиот и кооперативниот притисок на човечката еволуција. Што значи ова?

    Општеството, како што ни е познато денес, дошло до овој стадиум низ константни испреплетувања на здравиот натпревар кој ги елиминира најслабите и емпатичниот принцип на кооперативност, на основа на кој животот во заедници е возможен.

    Бенефитите од леворакоста се најевидентни во ситуации во кои е вклучен и противник, на пример борба од било каков вид. На пример, дури половина од најдобрите бејзбол играчи се левучари и тоа апсолутно има смисла, поради предноста што ја имаат во однос на деснораките луѓе кои целиот живот вежбаат само со десната рака како доминантна. Во свет во кој би постоел само натпреварувачкиот принцип, општеството би се состоело од половина левораки и половина деснораки луѓе, поради потребата од баланс на силите и бенефитите кои и двете карактеристики ги имаат. Но, светот е изграден од натпреварувачкиот, како и кооперативниот принцип, па во таа смисла, кооперативноста го менува правецот во кој се движи распределеноста на леворакоста и десноракоста. За да се увиди контрастот, кога светот би бил чисто кооперативен, левораките луѓе би се изгубиле од популацијата сосема, од една едноставна причина. Општественото живеење е моделирано да им одговара на деснораките луѓе, поаѓајќи од распоредите за седење и завршувајќи до ножиците кои како инструмент се направени за употреба со десната рака или некои од спортовите во кои е евидентен недостатокот од алатки специјализирани за левораките луѓе. Во таков свет, левучарите се поподложни на несреќни случаи поради неможноста да ги користат алатките со леснотија. Тоа значи дека нивниот мал, но константен процент во склоп на општеството е доказ дека луѓето еволуираат постепено, преплетувајќи ја емпатијата и кооперативноста со повремен наптревар и конкуренција. На тој начин, се развиваме, подобруваме и напредуваме бавно, но сигурно. А левучарите се општествениот потсетник дека треба да се негува посебноста, да се слави специфичноста и да се прифатат разликите, бидејќи на крајот на краиштата, сите сме или на левата или на десната страна од една иста паричка.

    Па, останете посебни и нека ви е среќен интернационалниот ден на левучарите!