Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Репрезентацијата на Македонија со убедливи 3:0 ја совлада Данска во пријателски меч одигран вечерва на „Филип Втори“.
Македонските фудбалери целосно ја надиграа Данска, 23-та репрезентација на ФИФА листата, особено импресивно делуваа избраниците на селекторот Чедомир Јаневски во првото полувреме, кога го надиграа противникот во сите сегменти на фудбалската игра.
По пауза од три меча Горан Пандев се врати во националниот состав и тоа на најдобар можен начин, со гол во осмата минута, погодок кој и донесе предност на Македонија од 1:0. Во 17-тата минута веќе беше 2:0 за нашиот состав, а стрелец на голот беше Агим Ибраими кој постигна убав гол од осумнаесетина метри.
Точка на мечот, или поточно речено конечните 3:0 ги постави нашиот столб во одбраната Николче Новески.
Во вториот дел селекторот Чедомир Јаневски направи неколку промени, играта беше ориентирана на дефанзивата и до крајот успешно беше сочувана оваа голема предност.
Македонија уште еднаш под водството на Чедомир Јаневски покажа дека има капацитет и дека може да се носи со далеку поквалитетни селекции. По овој резултат, но и дуелите против Словенија, Србија, претходно со Хрватска и Шкотска, можеме да се надеваме на шанси за едно од првите две места во нашата квалификациска група за СП во Бразил.