Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Довчерашниот прволигаш, кошаркарскиот клуб „Куманово“ започна со подготовките за новата сезона за натпреварувањата во Втората лига.
Фото: Screenshot - Youtube
Средствата за работа на клубот ќе се обезбедат од спонзорства, а се очекува да се реализира и ваучерот доделен од Агенцијата за млади и спорт за 2023 година.
„Костурот на екипата ќе го сочинуваат играчи кои и минатат сезона настапуваа за КК „Куманово“, а на првиот тим ќе се придружат неколку кошаркари од младинските екипи. Деновиве се очекува реализација на ваучерот доделен на клубот од Агенцијата за млади и спорт, но и настапите во понизок ранг на натпреварување не го оптоваруваат клубот со трошоци во толкава мера како прволигашкиот статус. Затоа без проблем ќе опстанеме на првенството и со сите сили ќе се обидеме да се вратиме во елитното прволигашко друштво“, вели претседателот на клубот Виктор Божиновски.
Одлуката да продолжат да се борат, наместо како што некои понадеваа и посакуваа да се угаси клубот, уследила по неколкуте состаноци со спонзорите.
„Бидејќи во финансиската конструкција не се предвидени средства од Општината, секоја помош е добредојдена. Добро е што Куманово ќе има 2 клуба кои ќе претендираат на влез или враќање во Првата лига“, додава Божиновски.
„Куманово“ испадна од прва лига откако западна во големи финансиски проблеми, меѓудругото и поради тоа што Општина Куманово не сакаше да ги уплати парите на клубот кои се предвидени со програмата на Советот на Општина Куманово.
Поради неисплатените обврски и плати, како и лошите услови за тренирање, играчите неколкупати се обраќаа до јавноста и бараа помош, но тоа не даде резултати.
КК Куманово од 2009 година па наваму на два пати беше вице - шампион на Македонија, играше финалето на Купот и финале на Балканска лига. Овој клуб беше гордоста на Куманово и на љубителите на кошарката, кој ја полнеше спортската сала до последното место.