Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Македонија денеска со почеток во 15:45 часот го игра четвртиот меч на СП во Шпанија, а противник е селекцијата на Русија.
Македонските ракометари немаат многу време за анализа на поразот од Исланд. Денеска ги очекува нов предизвик, нова тешка пресметка на СП во Шпанија, а противник е секогаш силната Русија.
Билансот на Македонија досега е две победи и еден пораз. Доколку се погледне учинокот и не е така лошо, но сепак загрижува прикажаната игра на претходните три меча.
Ги победивме Чиле и Катар, но не импресиониравме иако бевме големи фаворити-изјави селекторот Шундовски.
Се разбира ќе мора нешто експресно да се менува доколку сакаме да ја совладаме Русија и да останеме до последниот момент во трка за третото место кое би ни донело условно кажано полесен противник во осминафиналето.
Селекцијата на Русија на изминатите три меча има исто учинок како Македонија. „Зборнаја“ ги совлада Исланд и Катар, додека беше поразена од Данска. Според она што го прикажаа досега може да се каже дека шансите за победа се подеднакви.
Она што преостанува е нашите ракометари да се совземат на психолошки план, да ја повторат играта од првото полувреме против Катар и победата ќе биде на дофат.
Во последните неколку години селекцијата на Русија не е тоа што беше. На ЕП во Србија заврши на разочарувачко 15-то место, претходно во Австрија беа 12-та, а во 2008 во Норвешка беше 14-та.
Што се однесува до светските првенства, во 2011-та не се квалификуваа, а претходно во Хрватска во 2009-та беа 16-ти. Токму на ова првенство Македонија беше подобра од Русија во групната фаза со 36:30.
Сето ова доволно покажува дека Русија не е онаа селекција како во минатото, но овие податоци воошто не смеат да не залажуваат. Ќе мора денеска на терен нашите ракометари да покажат дека во моментов нашата репрезентација барем за нијанса е подобра.