Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Никола Карабатиќ, заедно со уште шест други ракометари со кои беа дел од скандалот со нелегално обложување на натпревари на својата екипа, ги добија максимално можните суспензии од неиграње на шест мечеви од страна на Француската ракометна лига.
Со таа казна, која на Никола и Лука Карабатиќ, Младен Бојиновиќ, Драган Гајиќ, Исам Теж, Самуел Онрубија и Примож Прост им ја изрече Француската ракометна лига само почнуваат проблемите за споменатите седморица.
Откако Дисциплинската комисија ги прогласи за виновни за директно или индиректно обложување на конечните резултати на спорните ракометни натпревари, Карабатиќ и неговата „дружина“ го очекува соочувањето со цивилниот суд. Таму им се закануваат затворски казни од максимални пет години, како и парични казни од 75.000 евра.
Сите седморица беа под формална истрага од октомври минатата година, а и сега, како и тогаш, тие ги негираат сите обвиненија на нивна сметка. Нивните адвокати најавија жалба на последната одлука за суспензија од страна на Француската ракометна лига.