Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претставници од Општинскиот одбор на сојузот на борци денеска положија свежо цвеќе пред бистата на Панче Пешев во дворот на нижото музичко училиште.
Денеска се навршуваат 68 години од загинувањето на Панче Пешев, борец од НОБ, композитор и музичар. Тој е роден во Велес, но во 1920 година неговото семејство се доселило во Куманово. Тука Панче Пешев завршил основно образование, по што продолжил да се школува во Скопје и Белград.
Во 1935 година на млади години станал член на Комунистичка партија на Македонија. Бил член на месните комитети на карадачкиот и козјачкиот одред во 1941 година. Во 1942 година бил во велешкиот одред “Димитар Влахов“. По разбивањето на овој одред пак се вратил во Куманово каде илегално престојувал. Во 1943 заедно се Карпош учествувале во формирање на првиот кумановски батаљон, а бил и командир на чета во село Жегљане. При враќање од Грција во селото Кушкулија, радовишко, загинал од бугарскиот окупатор - раскажува Спиро Зафировски, член на општинскиот одбор и учесник во НОБ.
Во Куманово има улица, месна заедница, музичко училиште и културно - уметничко друштво кои го носат името на Панче Пешев. Борците го паметат како музичар и велат дека не случајно музичкото училиште е именувано по него.
Секоја година по повод патронатот имаме редовен годишен концерт, на кој се претставуваат најталентираните ученици од сите класи, оние кои освоиле државни или меѓународни награди - рече Светлана Трајковска, директор на музичкото училиште.
Традиционално секоја година пред споменикот на Панче Пешев се положува цвеќе во знак на почит. Овој народен херој е роден во 1915 година, а загинал во 1944 година на денешен ден.