Две медали за пливач на „Атлета“ на меѓународен митинг во Скопје
Флоријон Рамадани освои прво место на 100 метри градно и трето место на 50 метри градно на меѓународниот пливачки митинг „Atlas Winter Cup 2025“, кој викендов се одржа во Скопје.
На натпреварувањето настапија силни клубови од земјата и од странство. Од клубот на „Атлета“ учествуваа и Данило Драшковиќ, Христина Ристевска и Лана Богдановиќ, кои постигнаа солидни резултати и забележаа напредок во своите настапи.
„Нашите натпреварувачи покажаа голема посветеност, борбеност и спортски дух, освојувајќи медал и подобрувајќи лични рекорди во повеќе дисциплини. Овој настап е уште една потврда за квалитетната работа, континуираниот тренинг и правилниот развој на младите пливачи во клубот. Горди сме на сите учесници и честитки за нивниот труд, дисциплина и одлично претставување“, изјави тренерот Кирил Пачковски.

Со ваквите резултати, ПК „Атлета“ продолжува сигурно да чекори напред на меѓународната пливачка сцена.