Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура “Трајко Прокопиев“ утревечер во 19.30 часот, ќе биде отворена изложба со најновите графики на академскиот сликар Момчило Аврамовски.
Се работи за триесеттина графики работени во техниката линорез и комбинирана техника, насловени како “Чудесен свет“.
Момчило Аврамовски припаѓа на постарата генерација на македонските академски уметници, коишто сé уште се активни. Тој е роден 1935 година во Куманово. Првите сознанија за ликовната уметност ги добива од академскиот сликар Кирил Караџа, кој со својата педагошка дејност позитивно влијае на многу негови ученици. Основите на ликовното образование ги стекнува преку завршување на Училиштето за применета уметност во Скопје (вајарство кај професорите Димче Тодоровски и Јордан Грабул; сликарство кај проф. Душко Стојановски ), Вишата педагошка школа (сликарство кај проф.Ванчо Георгиев и вајарство кај проф.Љупчо Стефановски) и ФЛУ - Скопје (сликарство кај професорот Ристо Калчев). Неговата ликовна едукација продолжува и со неколку студиски престои во Дизелдорф-Германија (1975-78 година), Ротердам-Холандија како и учество на неколку конгреси за ликовна култура во Париз (ИНСЕА), Будимпешта, Загреб. Самостојно ја проучува работата на повеќе светски ликовни имиња меѓу кои Рембрант, Модиљани, Тулуз-Лотрек, Пикасо, Дали и други, од чии искуства подоцна ќе вгради елементи и концепти во своите дела. Аврамовски зад себе има триесеттина самостојни изложби и учество на преку сто групни изложби, проекти и колонии.