×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово со најстара и најуспешна шаховска школа со 91-годишна традиција

    13.04.2024 11:00 | Сузана Николиќ

    Куманово има долга шаховска традиција, а Градскиот шаховскиот клуб Куманово е најстариот шаховски клуб во земјата.  Формиран е во јуни 1933 година и оваа година слави 91 година постоење.

    Куманово со најстара и најуспешна шаховска школа со 91-годишна традиција

    Тој е две години постар од скопскиот шаховски клуб, а само 9 години помлад од Светската шаховска организација која годинава слави 100 години - формирана е во 1924 година.

    Шахот  во Куманово го донел кумановецот Киро Алексовски - Европа, кој од 1930 до 1932 година како политички осуденик лежел во Казнено поправниот завод во Пожаревац и таму научил да игра шах. Кога излегол од затвор и се вратил во градот ја донел првата шаховска табла и почнал своето знање да го пренесува на неговите сограѓани. Ги заразил да  играат шах и тоа предизвикало голем интерес кај кумановци, по што бил формиран првиот шаховски клуб.

    Низ годините клубот имал успони и падови, но најмногу стагнирал по 2000 година. Пред 4 години клубот е повторно активиран, благодарение на неколку ентузијасти, кои активно работат на негова афирмација и промоција. Во моментот има повеќе од 200 активни членови од сите генерации, почнувајќи од најмалите од 8-годишна возраст, па се до најстарите пензионери, кои не се откажуваат од шахот.

    Од досегашните успеси за одбележување е тоа што Градскиот шаховски клуб бил првак на Македонија во 1987 година, а најголем успех постигнал во 2021 година кога го  освоил 5-то место на Европско првенство во шах и тоа во конкуренција на сите европски држави. Клубот денеска се натпреварува во Првата шахивска лига и го завзема 4-тото место. 

    „Куманово е една од елитните екипи на европските првенства. Не има секаде и сме рамо до рамо со клубовите кои имаат странски играчи и големи буџети, кои се 100 пати поголеми од нашите. Но, ние со никого не се споредуваме, иако ги имаме истите трошоци. Ова го работиме од љубов, без никаков надомест.  Користиме наши ресурси и наши пријатели кога ни треба помош. Едноставно што сакаме е да го заживееме шахот, затоа што самите како играчи ги знаеме неговите придобивки. Ние сме еден од ретките клубови кој го носи името на градот, а не на спонзорите“, велат Сања Трајковски, претседателка на Градскиот шаховски клуб од Куманово и Агим Шемшија, потпретседателот на Шаховската федерација на Македонија, кои се најзаслужни што клубот се издигна од пепел.

    Тие жалат што шахот денеска го нема местото што некогаш го имало. Двајцата почнале да тренираат во шаховската секција во Пионерскиот дом, а брзо потоа станале членови на ГШК. Тоа биле златни времиња во кои имало места за играње на шах на десетина локации во градот.

    Денеска клубот работи во просториите на месната заедница Панче Пешев и има термини три дена во неделата. Тоа не е доволно за шаховски клуб што има такво реноме.

    „Куманово е шаховски град. Секогаш имало шампиони во државата. Се надевам дека локалната самоуправа ќе најде простор кој ќе ни го додели. Куманово заслужува да има шаховска куќа со оглед на традицијата. Би сакал тоа да се случи на 100-годишнината на Градскиот шаховски клуб. Да имаме голема сала, за да не ги држиме шаховските турнири во ресторани. Да направиме архива. Да имаме шаховски табли на отворено. Општината да ни даде локација, а ние сме подготвени самите преку проекти да обезбедиме средства од амбасадите. Имаме идеи и оптимисти сме дека ќе ни се исполни желбата. Сакаме да создадеме услови што ние како деца ги немавме.  Да ја продолжуваме традицијата и да оставиме нешто за идните генерации“, вели Шемшија.

    На прославата на 90-годишнината од клубот беа голем број на шаховски легенди и пријатели од соседните земји, кои го потврдија квалитетот и успешноста на клубот.