×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Крива Палaнка: Локалната култура во сенка на глобалните трендови меѓу младите

    19.12.2024 08:28 | KumanovoNews

    Сегашниот тренд на носење култура „од надвор“, а не создавање култура „внатре“ е голем предизвик за Крива Паланка.

    Крива Палaнка: Локалната култура во сенка на глобалните трендови меѓу младите

    Огромни средства се вложуваат за „купување“ култура, наместо да се поттикнува локалната културна продукција особено на младите, како што беше практика во минатите времиња. За сегашните генерации е најважно да имаат ментори во заедницата кои ќе ги насочуваат во нивното творештво, ова е главниот заклучок од панел-дискусијата „Културниот живот – некогаш и денес“, што се организираше во EU House Крива Паланка, на 13 декември 2024, во организација на Центарот за аудиовизуелни уметности.

    На панел-дискусијата, на која присуствуваа различни генерации културни работници, млади и граѓани, панелистите Гоце Ристовски, писател, публицист, критичар и професор на Европа Прима, Драган Величковски, етнолог и директор на Градскиот музеј и Роберт Цветковски, академски сликар и професор во средното училиште „Ѓорче Петров“, говореа за различните аспекти на културниот живот и културната трансформација од 19 век до денес.

    „Сопствената, автентична култура е најважна. Една драма како што е „Ожењил се Санде калајџија“ од кривопаланчанецот Страхил Алексиќ, инспирирана од вистинита случка од градот, за Крива Паланка е поважна од сите дела на Шекспир, кој исто така пишувал за своето локално опкружување. Затоа, младите генерации колку и да имаат поинаков пристап, во духот на времето, и колку и да ги користат современите културни трендови, не смеат да ја заборават уникатната и автентична содржина на поднебјето која дава специфичен белег на културата“, истакна Ристовски.

    Тој потсети дека културното сведоштво е интересно од повеќе аспекти за Крива Паланка, која во своите репортажи авторот ја нарекувал Порта на Македонија, зашто уште од античката Ремисијана, како што се нарекувало ова подрачје, па до денес, тука врвеле сите патишта. Тоа создавало капитал и носело различни искуства.

    „Бројни културни дејци во земјава и во светот се родени и потекнуваат од Крива Паланка. Меѓу нив се најголемата актерка на сите времиња во нашата земја - Милица Стојанова, режисерот Кирил Ценевски, еден од најзначајните македонски сликари Димитар Стојчевски, Лазар Ристовски, клавијатурист во групите „Смак“ и „Бело Дугме“, визуелниот уметник Роберт Глигоров кој ги илустрира албумите на Стинг и многу други. Овој град има широка лепеза автори од различни области кои го збогатуваат тој културен код, кој не смее да биде заборавен од младите и кој е доволен мотив да ги поттикне и охрабри да создаваат“, рече Ристовски.

    Истовремено, тој забележа дека во негово време младите биле посветени на многу слободни активности, секции, во кои ја насочувале нивната енергија. Но, денес видно се сменети погледите кон култура, под влијание на глобализацијата и масовната култура.

    Драган Величковски, пак, се осврна на културната историја и институционалниот аспект, подвлекувајќи дека е многу важно како им се пренесува културата на помладите генерации и на кој начин може да допре до нив и до целата публика. Исто така, рече дека е многу важно државата да ги промени политиките и повеќе да го финансира македонското авторство, наместо странските автори.

    „Главната улога на културата е да допре до што повеќе луѓе и да ги мотивира да творат и да консумираат култура што има некаков квалитет. За жал, гледаме дека нема некој интерес меѓу младите да создаваат и продуцираат култура која ќе се пласира во нашата средина. Ретки се луѓето што создаваат, а ретки се и вложувањата во локалните уметници поддржани од институциите“, посочи Величковски.

    Тој направи историски времеплов на влијанијата врз локалната култура во Крива Паланка како град низ кој транзитира важен коридор и кој се наоѓа меѓу два важни културни центри - Софија и Скопје.

    „Во 19-тиот век, силно влијание имал Цариград, просветителот Јоаким Крчовски овде создал 5 свои дела. Во 20-тиот век влијаела Софија, бидејќи целата наша интелигенција и емиграција живеела таму, од таму се раѓа и првата историска книга „Материјалите за изучување на Крива Паланка“. Овој град никогаш не бил заостанато место, големи ерудити твореле тука и ги следеле светските трендови, и во рамки на можностите се создавале вредни културни продукти. Во нашето време дадовме нов импулс со основање на Градскиот музеј, а Крива Паланка двапати беше град на култура – во 2013 и во 2024 година. Успешно се носиме и се натпреваруваме со поголемите центри. Наша обврска е да создадеме ментори и услови за да можеме кај младите да го разбудиме интересот за културата и нејзиното значење“, рече Величковски.

    Роберт Цветковски, не само како уметник познат и признаен во меѓународни рамки, туку и како ментор на младите, говореше за ентузијазмот и љубопитноста на младите генерации кои успешно изградиле или градат сопствени кариери во светот на уметноста и културата.

    „Некогаш имавме хепенинзи со сликарски, музички, поетски и балетски перформанси. Една година за манифестацијата „Трешфешн“имавме 27 тимови со околу 150 ученици, со огромна публика, бевме најтрофејни, со освоено прво место и откуп на едно дело од швајцарската амбасада. Младите беа многу креативни и иновативни, а денес дел од моите ученици се многу успешни во своите професии“, посочи Цветковски.

    Сепак, вели, денес потешко се допира до младите, затворени се, имаат други погледи и сфаќања. Додека некогаш тие сами морале да бараат информации, да истражуваат, да собираат материјали, денес младите го имаат сето тоа, но треба да покажат иницијатива и интерес.

    „Предавам на сите, но не допирам подеднакво до сите. Самите мора да имаат желба да научат, да извлечат информации за да можете да им се посветите. За жал, имаме само мали групи на интерес. Не мора сите да бидат активни, но мора да се разбудат, се уште се затворени, доаѓаат од различни средини, немаат предзнаења. Оние кои се интересираат успеваат да го развијат талентот и верувајте создаваат неверојатни дела“, рече Цветковски.

    Панелистите порачаа дека треба да се мобилизираат сите во заедницата за да се охрабрат младите да остават печат со своето творештво, но и траен запис за културната вредност на своите претходници или современици. Сето тоа треба да се истражи и соодветно да се презентира пред публиката преку современите форми на информирање.

    Поети, писатели, драматурзи, уметници, музичари и други културни дејци кои беа присутни на панел дискусијата им го понудија своето искуство на младите и ги повикаа да ги искористат нивните капацитети и нивната оставина како патоказ за културното живеење на нивното време.

    Покрај панел дискусијата, во EU House Крива Паланка истовремено беше поставена и ретроспективна изложба на дела, материјали, експонати, фотографии, како и видео проекција за културниот живот од минатите времиња до денес. Целта е да се создадеплатформа за културен дијалог кој ќе ги поврзе различните генерации и ќе ги инспирира младите активно да учествуваат во развојот на локалната културата .

    Настанот беше дел од локалната акција „Меѓугенерациски културен дијалог“ на Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка, во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“, кој го спроведува НВО Инфоцентар , со поддршка на Европската Унија.

    Авторка: Жаклина Цветковска

    Прилогот е подготвен со поддршка од Европската Унија, во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“. Содржината е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.