Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Руинирани тоалети, дотрајани прозорци, скршени стакла, стари клупи и столчиња, напукнати ѕидови и подови, ѓумбе и дрва за огрев ги дочекаа првачињата во основните училишта “Крсте Мисирков“ и “Браќа Миладиновци“, кои посетуваат настава во училниците кај Техничкото училиште.
Револтирани поради мизерните услови во кои ќе учат нивните деца, родителите бараат надлежните институции од централната и локална власт да го реновираат објектот.
Ходниците се катастрофа, не е варосано, една сијалица нема како што треба. Стаклата се искршени, вецеата руинирани. Вратите не се затвараат. Четири дена доаѓаме овдека и не можеме да се помириме со фактот дека детето ќе ни учи тука. Срамота е првиот впечаток на малите деца да биде ваков, па што ќе ги привлече да доаѓаат на училиште и да учат. Моето дете е многу разочарано и самото вели дека училиштето не личи на ништо - вели Горан Г. татко на прваче.
Родителите кажуваат дека претходната година имало случај кога дете паднало по стрмните скали и скршило заб, а не е безбедно и поради тоа што стаклата на прозорците се разнишани. Се плашат и од заразни болести.
Бараме да се реновира барем санитарниот чвор, да има елементарни услови децата да има каде раце да измијат. - додава Лидија Мицевска, мајка на прваче.
Родителите тврдат дека и самите учеле во истиот објект и оттогаш ништо не е сменето.
Од ОУ “Крсте Мисирков“ одговараат дека наскоро се планира реновирање на објектот со средства од локалната самоуправа . Потврдуваат дека оваа училишна зграда не е реновирана 50 години, а во неа од двете училишта учат 250 ученици од 1 до 5 одделение.