Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со музика, спорт, презентација на француската и македонската кујна, денеска беше одбележан 20 март-Денот на франкофонијата во подрачното училиште “Браќа Миладиновци“ во село Пчиња.
Во знакот на франкофонијата во дворот имаше продажен базар на кој се продаваа рачни изработки, цртежи, македонски и француски знаменца. Учениците читаа поезија, пееја француски песни и ги запознаа присутните со распространетоста на францускиот јазик во светот.
“Јас веќе триесет години предавам француски јазик во ова училиште. Децата уште имаат интерес за францускиот јазик, што ме радува посебно на ова подрачје. Верувам дека така ќе биде и понатаму“ - вели Зорица Пирганоска, професор по француски јазик.
Францускиот јазик сеуште е втор странски јазик во земјава, според бројот на училишта каде се изучува.
“Тоа се некаде над 250 училишта каде се изучува францускиот јазик во Република Македонија. Овие активности ги мотивираат наставниците и учениците да ги покажат знаењата, вештините“ - вели Марија Николова, координатор на франкофонија во Министерството за образование и наука.
Снежана Петрова, претседателка на Здружение на наставници по француски јазик вели дека секој млад човек, покрај англискиот треба да говори уште еден странски јазик за да биде успешен.
“Младите треба да знаат што повеќе јазици. Не е важно дали ќе завршите економија или нешто друго, важно е да се говорат два јазика. Затоа сме ние тука да им помогнеме на младите да го научат францускиот јазик“ - рече Петрова.
Приредбата во училиштето во Пчиња ја следеа голем број родители и гости.