Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Работата на ЈП „Чистота и Зеленило„ е доведена во прашање, откако претријатието остана без програмата за работа за 2014 година, која вчера не помина во Советот.
Советниците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со мнозинство гласови ја отфрлија програмата за одржување на јавно-прометни површини, и покрај тоа што немаа конкретни забелешки за проектите предвидени во неа. Предходно на комисиската расправа ја прифатиле програмата едногласно, но на седницата гласаа против.
Се работи за политички притисок и тесно партиски интереси на советниците на опозицијата. Предходно немаа забелешки на програмата ниту пак кажаа зошто ќе гласаат против. Со нивната одлука ја блокираат работата на претпријатието, а всушност гласаа против интересите на граѓаните. Програмата не е на СДСМ, ниту на јавното претпријатие туку за градот и оние кои плаќаат за услугите кои ги добиваат -изјави директорот Сашо Петрушевски.
Без програма усвоена на Советот, јавното претпријатие не може да ги спроведува предвидените активности, ниту пак може да го фактурира сработеното. Затоа под итно мора да се најде решение кое ќе ја одблокира работата на претпријатието. Директорот Петрушевски најави средба со градоначалникот во понеделник за да се најде решение за новонастанатиот проблем.
Коалицијата на СДСМ остана без мнозинство во Советот затоа што за програмата немаа право да гласаат советникот од НСДП Зоран Маневски, кој е заменик директорот во ЈП „Чистота и Зеленило„ и Зенон Исмаили од НДП, советник за економски прашања во претпријатието. Тоа беше доволно опозицијата да ги надгласа своите политички опоненти.