Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Јавното претпријатие е проценето над 2.8 милиони евра, а би го продале управувачкиот пакет на акции
Општина Куманово размислува да го продаде јавното претпријатие „Куманово-гас„ и деловниот простор во затворениот базен за да излезе од тешката финасиска состојба во која се наоѓа од минатата година. Влегувањето на приватен капитал во општински фирми е на предлог на градоначалникот, а одлуката треба да ја донесе Советот на општината.
Комерцијалниот центар во затворениот базен ќе оди на јавен повик за продажба на имот, а трансформацијата на Куманово-гас преку акции на берза. Јавното претпријатие е проценето над 2.8 милиони евра, а би го продале управувачкиот пакет на акции. Новите инвеститори ќе имаат еден огромен пазар за гасификација и можност за развој на самото јавно претпријатие, а ние ќе добиеме сретства за понатамошно развивање на општината. Ако можеше Топлификацијата во Скопје да се продаде, не гледам зошто не и ние, на еден транспарентен начин на берза да го направиме истото- изјави градоначалникот Зоран Дамјановски.
Тој незнае каков ќе биде интересот за купување на Куманово-гас, но пред три години ЕВН била заинтересирана да инвестира. Oпштината очекува прилив на сретства и од продажба на земјиштето во индустриската зона во селото Речица.
Општината Куманово има блокирана сметка веќе една година, откако по судска пресуда мора да исплати 1,5 милион евра за приватен имот одземен пред 35 години. Тоа го отежна спроведувањето на програмата за развој и повеќето предвидени и започнати проекти застанаа. Градоначалникот ја обвинува централната власт за политички реваншизам, бидејќи со години не одвоила ниту денар за капитални инвестиции во најголемата општина во државата, па со општински сретства се градат објекти кои се во надлежност на државата. Исто така Куманово од Министерството за финасии не доби дозвола за подигање на комерцијалени кредити.
Продавањето на имотот на општината не може да го кочи државата, туку конечната одлука ја има Советот.