Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сашо Милковски, менаџер по осигурување и реосигурување во Водостопанство на денешното основачко собрание е избран за претседател на општинската организација на Алијанса за позитивна Македонија во Куманово.
Тој беше единствен предложен кандидат за оваа фунција и по изборот се заблагодари за довербата. Милковски рече дека мора да го окрупнат членството за претстојните претседателски, но и за следните парламентарни избори.
Треба секој ден да се зголемуваме, да бидеме голема политичка сила во Куманово. да го доближиме нашиот граѓански концепт до нашите сограѓани. Треба да се сплотиме и да го искористиме сиот потенцијал, економскиот дел да го зајакнеме во Куманово, да се отворат повеќе работни места. Оние пари што ги спечалуваат на страна да има каде да ги вложат - изјави Милковски.
Претседателот на партијата, Љупчо Зиков објасни дека нивното дејствување е засновано на три столба и тоа нови 100.000 работни места, реформа на земјоделските политики и справување со белата чума. Зиков вели дека за 23 години самостојност, Македонија изгубила 130.000 млади луѓе кои се иселиле во странство во потрага по егзистенција.
Како Македонец се чувствувам поразен бидејќи во 21 век не ја оправивме Македонија, ќе ги оправаме Ирак и Авганистан. Не направивме ништо, не и беше дадено на нашата генерација. За 23 години транзиција на столчето се менуваа СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ со нивните албански сателити. Факт е дека Македонија веќе нема 2 милиони жители. Ние зборуваме за економија, бизнис, но кој ќе работи кога ни ги снема луѓето? - рече Зиков.
Нивна заложба е да се зголемат парите кои се одвојуваат за субвенции, но домашните производи да бидат суровина за домашните компании. Да се стимулираат претприемачите со тоа што во првите 3 години ќе подлежат на контроли само од даночна инспекција. Државата да дава 100 отсто гаранција за мали бизниси со што на граѓаните нема да им треба хипотека за да отворат своја фирма. Стапката на невработеност треба да се намали, а домашните фирми да го шират својот пазар, додаде Зиков.
Заедно со Владо Бучковски ги отворија партиските простории на Алијансата за позитивна Македонија лоцирани на улица “Доне Божинов“ спроти просториите на Музеј Куманово.
Во Куманово партијата засега брои 130 членови.